
Хокеарскиот Карјала Куп, кој во текот на изминатата недела се одржа во Финска по вкупно 28. пат, заврши во рацете на шведската репрезентација.
После првите две партии, токму Швеѓаните, заедно со домаќинот Финска, запишаа по две победи при што титулата беше одлучена со меѓусебниот дуел во третото коло.
На него, Шведска успеа да триумфира со 1-3 и да го освои насловот по петти пат во својата историја.
После две третини, новите шампиони стекнаа предност од 0-3 со головите на Антон Ландер, на Јеспер Олофсон и на Хенрик Томернес, постигнати во момент кога имаа играч повеќе на ледената плоча.
Во третиот период, почесен погодок за домашниот состав постигна Хаики Лиедес, кој дебитираше во репрезентативниот дрес пред само три дена.
За Финска, ова беше трет пласман на второто место во последните четири години, а после неа следуваа Русија и Чешка Република.