
Дваесетгодишниот Американец, Вилијам Шејнер, им го донесе вториот златен медал на САД на ЛОИ 2020, откако стана олимписки шампион во стрелаштво со воздушна пушка на десет метри.
Шејнер оствари вкупен резултат од 251,6 поени што воедно претставува и нов олимписки рекорд.
Младиот стрелач, во финалето го порази својот уште помлад противник, односно шеснаесетгодишниот Лихао Шенг од Кина, кој освои 250,9 поени и стана најмладиот олимписки освојувач на медал во стрелаштво.
Бронзата од Токио во оваа дисциплина, исто како и среброто, се пресели во Кина, откако на најниското место на пиедесталот се искачи Хаоран Јанг (229,4), кој во 2014 беше олимписки јуниорски првак.