Пред точно еден месец, во втората фаза од Копа Италија се соочија Бреша и Кротоне, кои после регуларниот дел ремизираа со 2-2.
Денес, двете екипи ги одмерија силите во дербито на четвртото коло од Серија Б, а нивниот меч заврши со ист резултат како и оној пред триесет дена.
Домаќините играа подобро во првото полувреме и во воведниот дел од второто, а сето тоа беше крунисано со головите на Марсел Лери (35′) и на Стефано Морео (68′) за водство од 2-0.
Двојната предност се покажа како лош порок за Бреша, бидејќи, до крајот, на теренот ,,постоеше” само Кротоне.
Гостите од јужна Италија, од 71. до 83. минута, успеаја да дојдат до резултатски егал, откако мрежата на Оскар Линер двапати ја затресе резервистот од клупата, Самуеле Мулатиери, кој со пет голови изби на првото место на листата на стрелците.
По трите врзани победи, Бреша го запиша првото овосезонско реми и остана на врвот на табелата, но со натпревар повеќе во однос на конкурентите.
Од друга страна, Кротоне ја држи тринаесеттата позиција со три освоени бодови после четири кола.