
Гратчето Брунико, кое брои 16 716 жители, лоцирано на италијанските Алпи, од денес поседува хокеарски клуб, кој се натпреварува во една од врвните европски лиги.
Имено, во австриската Бет-ат-хоум Хокеј Лиг, денес, во првото коло од новата сезона, дебитираше екипата на Вал Пустерија, која поради германското говорно подрачје од каде што потекнува, е позната и под името Пустертал.
Првиот меч на ,,Волците” во новото првенство беше гостувањето кај Слован Братислава, кое заврши со триумф од 2-3.
После првите две третини, домаќините, кои до 2019 се натпреваруваа и во КХЛ, поведуваа двапати со головите на Денис Худец и на Давид Буц, додека гостите израмнија во два наврати преку дебитантите Јохан Харју и Емил Кристенсен.
Во средишниот дел од третата третина, уште еден дебитант во дресот на Вал Пустерија, Шејн Хана, се запиша во листата на стрелците на првиот меч во новата средина и им донесе историски триумф на италијанските претставници.



