
Трката за големата награда на Сан Марино, која беше четиринаесетта во тековната сезона, заврши во рацете на Раул Фернандез, кој триумфираше по шести пат во 2021.
Првата позиција на Шпанецот беше ставена под огромен ризик, поради фактот дека гумите на неговиот мотоцикл беа релативно истрошени во последните кругови.
Токму во завршниот интервал, опасно блиску до победникот во Мизано се доближи првопласираниот во генералниот пласман, Реми Гарднер, кој мораше да се задоволи со втората позиција.
На најниското место на подиумот, а воедно и последен со заостаток помал од една секунда во однос на Фернандез беше неговиот сонародник Арон Канет.
Британецот Сем Лоус ја освои четвртата позиција, додека најдобар Италијанец беше петтопласираниот Марко Беѕеки, после кој следуваа Аугусто Фернандез, Аи Огура, Чави Виерхе, Фабио Ди Џанантонио и Челестино Виети.



