
Географски најсеверниот град на територијата на поранешната Југославија го донесе новиот фудбалски шампион на Словенија.
Станува збор за градот Мурска Собота од каде што потекнува НШ Мура, основан во 2012 година.
Имено, НШ Мура настанал како реинкарнација на претходните НК Мура и НД Мура 05, кои биле ликвидирани поради финансиски проблеми.
За основање на новиот клуб, челниците го базирале името на младинските категории: кратенката НШ (Nogometna Šola) во превод значи ,,Фудбалска школа”.
Во првата натпреварувачка сезона, НШ Мура избори промоција од четвртата во третата дивизија, односно како вицешампион на 1. МНЛ Мурска Собота во 2013/14 влезе во Словенечка трета лига.
Во третолигашкото друштво, во два наврати заврши на втората позиција.
Првиот пат, во 2015/16, тоа заврши без промоција, но веќе во 2016/17, НШ Мура за првпат избори пласман во Словенечката втора лига.
Авантурата во втората дивизија траеше само една сезона бидејќи ,,Црно-белите” како шампиони успеаја да се искачат во Словенечката прва лига.
Како прволигаш, Мура покажа високи амбиции и основајќи се на младите таленти, успеа да се пласира на позициите што водат во Европа.
Дебито на еден УЕФА меч, тимот го имаше во 2019, кога во првата рунда од квалификациите за ЛЕ беше поразен од израелскиот Макаби Хаифа (2-3, 2-0).
Веќе во 2019/20 во витрините на ,,Мурашите” дојде и првиот престижен национален трофеј, односно Словенечкиот куп, кој беше освоен после победата од 0-2 над Нафта 1903 во финалето.
Во пресрет на 2020/21 следуваше нова европска авантура во квалификациите за ЛЕ, во кои Мура ги порази Номе Калју (4-0) и Аархус (3-0), а загуби од ПСВ Ајндховен (1-5).
Сепак, ова само ги распламти страстите на фудбалерите, кои неполна година подоцна станаа шампиони на Словенечката прва лига.
Во пресрет на последното коло, Марибор имаше три поени предност на врвот во однос на Мура, но им претстоеше меѓусебен дуел.
На него, Мура триумфираше со 1-3 и се израмни по бодови со далеку поуспешниот ривал, но поради подобриот меѓусебен учинок, дојде до првата прволигашка титула во својата историја.
Со оглед на фактот дека станаа национални прваци, ,,Мурашите” добија учество во квалификациите за ЛШ, каде што во првата фаза го елиминираа македонскиот шампион Шкендија со вкупни 6-0 (0-1, 5-0).