Вечерва се игра натпреварот помеѓу Еурофарм Пелистер и Архус од Данска во салата „Боро Чурлевски“ од 20:45 часот. Ова ќе биде прв натпревар од Лигата на Европа за битолчани.
Капитенот Мирко Радовиќ изјави дека добро знаат каков противник ги очекува.
„Добро се подготвуваме, направивме видео-анализа. Знаеме каква екипа ни доаѓа. Играат добро тимски, брзо се движи топката, тоа е таа данска школа на ракомет. Многу брзо играат, трчаат брз центар… Немаме многу време за подготовка, но ние знаеме каква екипа сме и што можеме. Во оваа атмосфера мислам дека имаме шанси и тоа ќе го покажеме во вторник. Ќе видиме колку ни одговараат со стилот. Во овој прв дел од сезоната немавме можност да се сретнеме со екипа која игра таков атомски ракомет. Но, мислам дека треба да се грижиме повеќе за нас и нашата игра. На нашата игра е акцентот. Во оваа атмосфера имаме што да покажеме и гледачите ќе уживаат како и на секој европски натпревар во Битола. Да покажеме каква екипа сме кога играме на домашен терен“.