
Голфот се врати на Олимписките игри во Рио во 2016, после 1904 година и тогаш, со медали во машка конкуренција се стекнаа Џастин Роус, Хенрик Стенсон и Мет Кухар.
Во текот на изминатите четири дена, овој спорт беше на програмата на ЛОИ 2020 во Токио на ,,Касумигасеки Кантри Клуб”.
Накрај, златен медал освои Американецот Ксандер Шофеле (-18), кој беше константно при врвот после сите четири рунди.
Шофеле, воедно, стана и првиот американски олимписки шампион во голф после Чарлс Сендс во 1900 година.
Среброто, за првпат во историјата, заврши во рацете на релативно непозната голферска нација, Словачка, која беше претставена од искусниот Рори Сабатини.
Вкупниот учинок на Словакот роден во ЈАР беше (-17), а одличје му донесе неверојатниот последен ден, кога постигна (-10) поени што претставува нов олимписки рекорд.
Третото место, со по (-15), го поделија седум натпреварувачи, па за да се додели бронзата, неопходен беше плејоф, во кој учествуваа Рори МекИлрој, Колин Морикава, Хидеки Матсујама, Пол Кејси, Себастијан Муњоз, Мито Переира и Ченг-Тсунг Пан.
Накрај, најниското место на пиедесталот му припадна на Пан, кој беше најдобар дури после четири дополнителни дупки.
Турнирот во женска конкуренција ќе започне на 4 август и ќе трае до затворањето на ЛОИ 2020.



