Третата станица во новата година од Светскиот куп во алпско скијање во машка конкуренција е австрискиот Флахау, каде што на програмата се петтиот и шестиот слалом во сезоната.
Имено, Флахау влезе во календарот како замена за Венген, односно за Китцбил. На овие две локации, поради пандемиолошките мерки, беше забрането секакво натпреварување.
Накрај, на домашен терен, до првата победа во кариерата стигна неверојатниот Австриец Мануел Фелер (1:50,27), кој го имаше најбрзото скијање во втората серија.
Првопласираниот по првата серија, Клеман Ноел, дојде до второто место (+0,43), а на третото место повторно стоеше знамето на Австрија, но во името на Марко Шварц (+0,70).
Со ваквиот сплет на околностите, Фелер ја презеде црвената маица (за водечкиот скијач во слалом) од Шварц со само еден поен предност.
Во интервал од една секунда се наоѓаше само уште Себастијан Фос-Солевааг (+0,81), а во првите десет се пласираа: Линус Штрасер (+1,20), Рамон Ценхојзерн (+1,30), Дејв Рајдинг (+1,58), Лука Ерни (+1,64), Алексис Пантуро (+1,77) и Танги Неф (+1,81).
📸 Christophe Pallot/Agence Zoom/Getty Images



