
На петтото овосезонско натпреварување од Светскиот куп во санкање во дубл победија актуелните шампиони – Томас Штој и Лоренц Колер.
Австријците ги поминаа двете серии на патеката во Алтенберг, Германија за вкупно време од 1:23,767.
Само три илјадинки позади нив завршија Тони Егерт и Саша Бенекен (+0,003), кои беа првопласирани после првата серија и го задржаа првото место во генералниот поредок со исклучок на спринтовите.
На третата позиција заврши летонското дуо Мартинш Ботс/Робертс Плуме (+0,213), а за само шест илјадинки подиумот им избега на Тобијас Вендл и на Тобијас Арлт (+0,219).
Во првите пет завршија уште браќата Андрис и Јурис Шикс (+0,233), кои останаа водечки во вкупниот пласман на машките дублови.