Последната трка во 2020, односно третиот овосезонски спуст во рамките на Светскиот куп во алпско скијање во машка конкуренција, беше одржан во италијанскиот ски-центар Бормио.
Истиот помина во знакот на Матијас Мајер (1:57,32), кој ја запиша својата десетта победа во кариерата и прва за Австрија во новата сезона.
На второто место, по вторпат во низа, се најде неговиот сонародник Винсент Крихмајер (+0,04), а третата позиција му припадна на Швајцарецот Урс Кринбил (+0,06).
Победникот на последните четири спустови во Бормио, Доминик Парис (+0,13) го освои четвртото место, а првите десет скијачи се наоѓаа во помалку од шест десетинки: Мауро Кавиецел (+0,16), Александер Омодт Килде (+0,28), Рајан Кохран-Сигл (+0,30), Матје Баје (+0,38), Жоан Клери (+0,47) и Беат Фојц (+0,59).