После пет порази и пет ремија, еден од фаворитите за промоција во Лиг 2, Јеовил Таун, успеа да го запише првиот триумф сезонава.
,,Зелено-жолтите” од Сомерсет, во четиринаесеттото коло на Националната Лига, односно во единаесеттиот свој лигашки меч, успеаја да триумфираат на гостински терен против Бромли со 1-2.
Оваа победа се смета за големо изненадување, имајќи во предвид дека Јеовил беше единствен состав без победа, а Бромли е еден од претендентите во плејоф-зоната.
Јеовил Таун ја стекна капиталната предност од 0-2 уште во првото полувреме, а стрелци беа двајцата ,,најистурени” напаѓачи – Рис Марфи (7′) и Џоу Квигли (45+1′). Во вториот дел, Бромли успеа само да го преполови својот резултатски дефицит преку петтиот гол на Мајкл Чик на последните осум средби.
Со новите три поени, Јеовил му го препушти дното на Довер Атлетик и ,,скокна” за две позиции, а Бромли остана на шестото место.



