Во организација на Спортско-рекреативниот клуб „Соларис“ од Струга, во соработка со Клубот за друмски велосипедизам „Фаланга“ Струга, клубовите за планински велосипедизам „Рупикапра“ и „Караула” од Струга, Планинарско Еколошко друштво „Закамен“ Струга, како и со учество на сите други заинтересирани клубови, спортисти, ентузијасти, професионалци и аматери, со поддршка и помош од Црвен крст – Струга, и пред сѐ, со сесрдната и несебична помош на нашите спонзори, помагачи и пријатели, на 1 август 2022 година ќе биде организиран Спортскиот фестивал Илинден 2022. Овој спортско-културен хепенинг се организира во чест на големиот празник Илинден, како израз на почит и сеќавање на револуционерната борба за државност и самобитност, на сите кои со својата борба и саможртва во двата Илиндена ја создадоа македонската држава. Затоа решивме преку спортски активности токму на просторите каде се одвиваа едни од најголемите битки, каде се создавани најголемите воени единици, да ги одбележиме двата Илиндена, нивната врска и историски след кој натаму водеше до создавање на независна држава Македонија.
Концептот на спортските активности опфаќа и посета сите значајни места, спомен-обележја, но и места кои се значајни и за културната историја на Македонија и македонскиот народ. Во зависност од типот на спортските активности, ќе бидат посетени разни места, како што се посета на Селци, каде била родната куќа македонскиот драмски писател Војдан Чернодрински и на Арсениј Јовков, првиот македонски сценарист и учесник во Илинденското востание, посета на спомен-обележхата и гробовите во Ташмаруништа каде се погребани во заедничка гробница востаниците од Ложани и Драслајца, на гробот на војводата Панделе Спасески – Ружин, кој ги предводел сите чети во една од најголемите битки за време на Илинденското востание, посета на спомен-обележјето во Локов, каде е формирана Првата македонска ударна бригада, бројните спомен-обележја што сведочат за борбата, хероизмот на генерациите кои се бореа за самостоја и независна држава Македонија. Затоа нашето овогодишно мото е „По врвиците на борбата за македонска државност”.
На нашава фејсбук-страница во следните денови ќе може да ги најдете сите неопходни податоци за учество на Спортскиот фестивал Илинден 2022, а на денот на настанот за време на одржувањето на активностите ќе може да ги проследите сите случувања, неколку кратки и интересни интервјуа со спортисти – учесници, стотици фотографии и видеа преку кои ќе можете да се запознаете со прекрасните предели, природните убавини на овој крај каде ќе се одвиваат настаните.
Покрај спортските активности, на нашата страница ќе бидат дадени на бројни податоци за двата Илиндена, за настаните и личностите од овој крај, со што сакаме да придонесеме и во запознавање на пошироката јавност со нив.
Ве покануваме на незаборавно доживување, спортување и дружење во еден од најубавите природни предели на нашата мила татковина Македонија, заеднички да го одбележиме големиот празник Илинден!
Краток план и опис на предвидените активности:
Стартот ќе биде на Мостот на поезијата, по двата кеја на реката Црн Дрим и во самата река. На левиот брег стартуваат МТБ велосипедите и АТВ Мотоциклите, на десниот друмските велосипедисти, а во водата кајакарите и СУП-ерите. Планинарите ќе стартуваат од с. Ташмаруништа. Освен планинарите, сите се движат низ градот до самиот излез на Струга, каде по различни рути се упатуваат до с. Глобочица, на 25 км од Струга. Таму е предвидена голема забава со Ди-Џеј и заеднички ручек.
Кајакарска рута
Кајакарите тргнуваат од Мостот на поезијата. Деталниот план дополнително ќе биде објавен.
Кајакарите ќе бидат придружени од чамци, екипи за поддршка и спасување, опремени со соодветна опрема за безбедно пловење.
Должината на кајакарската рута изнесува 25 км.
Друмски велосипедизам
Рутата ќе биде од Струга – Дебар – Глобочица (пауза) – Струга
Должина 100 км
Планински велосипедизам
Ќе се возат две патеки со различна тежина и должина.
- Струга – Ложани/Драслајца – Биџево – Мислодежда – Локов – Селци – Глобочица (потешка)
- Струга – Ложани/Драслајца – Биџево – Мислодежда – Глобочица (полесна)
Деталните рути ќе бидат објавени дополнително со сите неопходни податоци. Организаторот соодветно ќе ги обележи рутите, ќе ги запознае учесниците и ќе назначи водичи за секоја тура.
Планинарската патека изнесува 14 км. Од Ташмаруништа преку планината ќе се стигне до собирното место во Глобочица.
Музички хепенинг
Сите учесници ќе пристигнат во Глобочица, каде ќе се одржи музички хепенинг. Ќе биде обезбеден ручек, како и пијалоци за сите учесници.
Организаторот ќе организира префрлање со сплав преку реката Црн Дрим. За сите учесници ќе бидат организирани станици за вода, придружба од медицинска екипа, како и техничка помош за сервис на велосипедите. Сите спортски активности ќе бидат придружувани од екипа за помош со АТВ-а.
Со цел успешна реализација на оваа непрофитна манифестација и покривање на нужните оперативни организациски трошоци, за учество на спортскиот фестивал учесниците мора да си купат ваучер во висина од 300 денари.
Пријавување учество на електронската пошта: [email protected]
Сите информации може да ги добиете и на: 078 241 418 (Коста Хиохи) или 078 444 602 (Мите Стефоски)
Лого на фестивалот: Лазе Трипков