
Во дисциплината фрлање ѓуле во машка конкуренција, подиумот на ЛОИ 2020 во Токио беше во потполност ист како и во Рио пред пет години што претставува прв случај во историјата на индивидуалните спортови.
Имено, светскиот рекордер, Рајан Краусер, се закити со олимписко злато, одбранувајќи ја својата титула.
Американецот дојде до златниот медал со нов олимписки рекорд од 23,30 метри, односно само седум сантиметри пократко од актуелниот најдобар резултат во историјата.
На второто место повторно се пласираше неговиот сонародник, Џоу Ковач, со префрлени 22,65 метри.
Претставникот на Нов Зеланд, Томас Волш, го заокружи подиумот со своето најдобро овосезонско фрлање од 22,47 метри.
Пласман во првите пет изборија уште Дарлан Романи (21,88) и Зејн Вајр (21,41), а Србинот Армин Синанчевиќ (20,89) го зазеде седмото место.



