
Очајниот старт на сезоната, со само пет освоени поени на првите единаесет средби, го остави Норвич без тренер по отказот на Даниел Фарке.
Како замена за Германецот се наведуваа неколку имиња, Нил Ленон, Рој Хоџсон, Расел Мартин, но најмногу внимание привлече Френк Лампард, кој јасно се огласи дека не сака да го прифати овој ангажман.
Денес, официјално, ,,Канаринците” го доведоа Дин Смит како нов тренер, кој со себе го понесе и неговиот асистент – Крег Шекспир.
Смит беше поранешен менаџер на Астон Вила, кој доби отказ во ист период со Фарке поради серијата од пет лигашки порази.
Смит потпиша договор на две и пол години со Норвич, а на ,,Кероу Роуд” ќе дојде како менаџер, кој ја врати Астон Вила во Премиер лигата и ја однесе до финалето на Лига Купот цо 2019/20.
Освен во клубот од Бирмингем, Англичанецот ја градеше својата тренерска кариера уште во две екипи, Волсал и Брентфорд, почнувајќи од 2011.
,,Последните седум дена ми беа вистински рингишпил, но задоволен сум што се враќам и што ќе го водам Норвич во Премиер лигата.” – се огласи Смит.
Своето деби во новата средина, новиот член на ,,Зелено-жолтите” ќе го има за пет дена на мечот против Саутемптон.