
Со само осум освоени бодови после првите осум кола, раководството на турскиот прволигаш Анталијаспор реши да го прекине договорот со тренерот Ерсун Јанал.
Од денес, официјално, како негова замена беше претставен Нури Шахин, кој ќе ја преземе улогата на тренер-играч.
Шахин настапува за турскиот клуб од летото минатата година и досега одигра 44 од вкупните 46 лигашки натпревари.
33-годишниот фудбалер за врска ја започна сениорската кариера во Борусија Дортмунд, од каде беше испратен на едносезонска позајмица во Фејеноорд.
Во продолжение, Шахин се пресели во Реал Мадрид со позајмица во Ливерпул пред повторно да се врати во Дортмунд.
Последната авантура пред преселбата во својата татковина, Турчинот ја имаше во дресот на Вердер Бремен со само еден постигнат гол на 36 средби.



