Минатата сезона Беласица испадна од ПМФЛ, а новиот стручњак на клупата, Ване Милков со својата одлична завршена работа го врати струмичкиот гигант експресно во прволигашка конкуренција. Милков воведе многу новитети и професионална работа, а освен тоа им даде шанса на многу талентирани фудбалери.
Од новата сезона прв негов соработник и десна негова рака ќе биде некогашниот капитен на Беласица и фудбалер со интернационално искуство, Александар Василев. Искусниот фудбалер имаше успешна фудбалска кариера, а неговиот нов ангажман е прв ваков чекор и продолжување во тренерските води каде што треба да го пренесе играчкото искуство на помладите фудбалери.
„Им благодарам на претседателот на клубот и управата за укажаната доверба и наредната сезона да останам на оваа позиција. Оваа прилика ќе ја искористам јавно да упатам честитки до сите мои фудбалери за влезот во Прва лига. Момци ВИЕ сте најзаслужни за враќањето на ФК Беласица во ПМФЛ. Исто така голема благодарност и до Претседателот на клубот. Во моментот можам да ветам само една работа. Јас и мојот стручен штаб ќе дадеме се од себе за ФК Беласица овојпат да остане во елитата” – изјави Милков за клупскиот сајт.
“Благодарност до управата на ФК Беласица, Претседателот и шефот на стручниот штаб за укажаната шанса. Ми претставува голема чест, задоволство и привилегија да се биде дел од овој стручен штаб и клуб каде што израснав како фудбалер, а сега ми дава нова шанса, да запливам во тренерските води” – изјави Василев за клупскиот сајт.



