
Втората трка од новата МотоГП сезона беше воедно првата трка во историјата, одржана на патеката Мандалика во Индонезија.
Поради обилните врнежи од дожд, стартот беше одложен од 8.00 за 9.15 часот по македонско време, а целата трка беше проследена со влажни временски услови.
Накрај, до четвртата победа во кариерата дојде Португалецот на ,,КТМ”, Мигел Оливеира, кој беше во водство уште од воведните кругови.
Актуелниот шампион, Фабио Квартараро, по фијаското во Катар, успеа да се искачи на втората позиција.
Третото место го зазеде Жоан Зарко, кој се врати на победничкиот пиедестал после пауза од дванаесет трки.
Во првите десетмина се најдоа уште: Џек Милер, Алекс Ринс, Жоан Мир, Франко Морбидели, Бред Биндер, Алеиш Еспаргаро и Дерин Биндер, а единаесетти беше победникот на првото натпреварување и водечкиот во генералниот пласман – Енеа Бастијанини.
Во Мото 3 категоријата, победата ја однесе Денис Фоџа, додека во Мото 2, сензационален победник беше Сомкијат Чантра, кој испиша историја за тајландскиот мотоспорт.