
Светскиот куп во нордиска комбинација ќе добие нов шампион после четиригодишната доминација на Јарл Магнус Риибер.
Имено, Норвежанецот доживеа дисквалификација од турнејата ,,Зеефелд Трипл” и испушти уште неколку натпреварувања, кои му оневозможија да атакува на петтата врзана круна.
Неговата несреќа најдобро ја искористи актуелниот вицешампион, Јоханес Лампартер, кој моментално ја поседува жолтата маичка во генералниот поредок.
На денешното прво натпреварување во Шонах (Германија), Австриецот (+8,1) го освои второто место, пласирајќи се позади победникот Јенс Лураас Офтебро (23:06,0).
На третото место, за првпат после една година, односно по четврт пат во кариерата, се пласираше Естонецот Кристјан Илвес (+16,8), а како четвртопласиран заврши Финецот Илка Херола (+28,1).
Во продолжение, под една минута доцнеа уште единаесет скијачи, од кои, во топ 10 завршија: Јулијан Шмид (+44,3), Еинар Лураас Офтебро (+44,6), Јорген Граабак (+45,7), Лорен Муленталер (+46,1), Матео Бод (+46,6) и Јакоб Ланге (+48,0).