
Англија е колевката на светскиот фудбал и затоа привлекува најмногу обожаватели. Тоа резултира со скапи телевизиски права што ги добива секоја екипа, која со заработените пари ќе може да си обезбеди квалитетни засилувања.
Иако денот само што започна, веќе официјално се потврдени шест трансфери/позајмици низ првите три лиги.
1. Репрезентативецот на ДР Конго, Беник Афобе, промени дури дванаесет клубови во својата сениорска кариера. Еден од нив е токму Милвол, кој ќе биде нова средина за шпицот што доаѓа на позајмица од Стоук Сити. Афобе ја помина минатата сезона на позајмица во Трабзонспор, а претходно, во 2013, одигра пет натпревари за Милвол како позајмен играч од Арсенал.
2. Откако беше дел од шампионската генерација на Лестер во 2015/16, следуваше чекор наназад во кариерата на Енди Кинг проследен со четири позајмици (Свонси, Дерби, Ренџерс и Хадерсфилд) и со еден ужасен трансфер во белгискиот Леувен. Сепак, Велшанецот денес се врати во англискиот фудбал, потпишувајќи едногодишен договор со второлигашот Бристол Сити за засега непозната сума.
3. Младиот шкотски фудбалер, Били Гилмор, привлече огромно внимание, откако се закити со наградата „играч на натпреварот“ во групната фаза на ЕУРО 2020 против Англија, носејќи го дресот на Шкотска. Сепак, Гилмор не го одигра третиот дуел на Европското првенство, бидејќи доби позитивен тест на КОВИД-19. Иако е сè уште во изолација, дваесетгодишниот играч за врска доби можност за нова авантура. Имено, Гилмор ќе биде испратен на едносезонска позајмица во Норвич од својот клуб Челзи, каде што, според „Канаринците“, ќе ја преземе улогата на нивниот најдобар играч за 2020/21 – Емилијано Буендија.
4. Најдобриот голгетер на Викомб Вондерерс во минатата сезона во англискиот Чемпионшип беше Угандецот Уче Икпеазу. Стрелецот на шест погодоци и покрај релегацијата на Вондерерс, остана во втората лига, откако потпиша тригодишен договор со Мидлсброу за неофицијални еден милион фунти.
5. Помошниот тренер на Барнсли, Адам Мареј, одлучи да му се придружи на својот колега од минатата сезона, Валериен Исмаел, кој ги напушти „Црвените“ и премина во ВБА. Нов тренер на англискиот второлигаш е Австриецот Маркус Шоп, кој минатата година го предводеше австрискиот бундеслигаш Хартберг.
6. Една од младите надежи на Стивен Џерард и на Глазгов Ренџерс, Џош МекПејк, ќе добие уште една прилика за калење во англискиот фудбал. Откако минатата година настапуваше како позајмен играч за Херогејт Таун во Лиг 2, МекПејк сега ќе добие шанса во третата англиска лига, носејќи го дресот на Моркамб. Моркамб избори промоција во третолигашкото друштво за првпат во својата историја и веднаш остана без неколку клучни играчи. Доколку МекПејк исполни едно од празните места на солиден начин, ќе може да се врати во својот матичен клуб во јануари 2022.