Тимот на ,,Хаас” имаше турбулентна сезона, којашто поради новововедениот ,,селари-кап” резултираше со раскинување на договорите на сегашните возачи, Кевин Магнусен и Ромен Грожан, по крајот на 2020. Едното од двете слободни места, денес официјално го пополни младиот Русин Никита Мазепин.
Мазепин (21) моментално настапува во Формула 2, каде што го зазема третото место во генералниот поредок. Во досегашниот дел од сезоната има шест подиуми, од кои две победи во Силверстоун и во Муџело.
,,Почестен сум што Никита Мазепин ќе вози за ,,Хаас” наредната сезона.” – изјави директорот на американскиот тим Гинтер Штајнер.
,,Да станам возач во Формула 1 ми беше сон цел живот, кој сега стана реалност.” – се огласи 21-годишниот руски пилот.
Вреди да се напомене и фактот дека на местото на Грожан, кој беше инволвиран во стравотен инцидент минатата недела, на трката за големата награда на Сахир ќе дебитира Бразилецот Пјетро Фитипалди.