Минатата година, Ф1 тимот на ,,Хаас” се чинеше дека ја загарантира својата иднина, откако ги обезбеди своите возачи, Ромен Грожан и Кевин Магнусен, со нови договори.
Сепак, денес изненадно и двајцата возачи се огласија дека тековната сезона ќе биде нивна последна како членови на американскиот тим.
Имено, Грожан беше првиот возач на ,,Хаас”, кој се довери уште во 2016, заедно со Естебан Гутиерез. Само една година подоцна, нов клупски колега на Грожан стана Кевин Магнусен.
Воедно, горенаведените пилоти се единствените тројца што го возеле американскиот болид од самото негово доаѓање во Ф1.
Како причина за заминувањето на искусните возачи се наведува новововедениот салари-кеп, според којшто тимовите не смеат да потрошат повеќе од 145 милиони долари. Од таа причина, челниците на ,,Хаас” најверојатно ќе бараат млади возачи, кои ќе возат за поинфериорни плати.
Се шпекулира дека Грожан во блиска иднина ќе тестира болид на ,,Махиндра” што би можело да значи дека Французинот ќе се пресели во Формула Е, кај неколку негови поранешни колеги од Ф1: Вандоорн, Верн, Буеми, Ди Граси, Д’Амбросио, Верлајн, Маса и Хартли. Од друга страна, судбината на Магнусен засега останува енигма.
,,Последното поглавје е затворено и приказната е готова. Бев со ,,Хаас” уште од првиот ден. Поминаа пет години во коишто имаше подеми и падови, но сепак вредеше. Научив многу, напреднав и станав подобар возач и подобар човек пред сè. Се надевам дека им помогнав и на луѓето во тимот да напреднат. Можеби ова е мојата најголема гордост, повеќе од било која од почетните луди трки во 2016 или четвртото место во Австрија во 2018. Му посакувам на тимот сè најдобро во иднина.” – објави Грожан на својот официјален Твитер профил.
,,Сезоната 2020 ќе биде мојата последна со ,,Хаас”. Уживав со тимот четири години и засекогаш ќе ги памтам убавите мемории. Предизвик е да се биде дел од нов тим, но јас уживав во тоа и стекнав искуство што ми помогна да се развијам како возач.” – истакна Магнусен.



