Од денес, официјално, Дарко Чурлинов стана нов фудбалер на англискиот второлигаш – Барнли.
22-годишното крило се пресели во Англија од редовите на германскиот Штутгарт, а минатата сезона ја помина на позајмица во Шалке.
Чурлинов, во 2017, на 16-годишна возраст, стана најмладиот играч, кој дебитирал за македонската фудбалска сениорска репрезентација и оттогаш одигра вкупно седумнаесет мечеви.
,,Се чувствувам многу возбудено што сум овде и едвај чекам да започне сезоната.” – рече Македонецот веднаш по пристигнувањето во Англија.
,,Дарко е играч со напаѓачки дух, вреден и со одличен менталитет за игра. Имаме добри односи со Штутгарт и им се заблагодаруваме што ни овозможија да додадеме млад и перспективен фудбалер во нашиот тим.” – се огласи тренерот на Барнли – Винсент Компани.
Чурлинов потпиша договор на четири години со тимот од ,,Тарф Мур”, а цената на трансферот засега е неопределена.