
На денешната програма од Светскиот куп во алпско скијање во машка конкуренција беше вториот овосезонски велеслалом, одржан во Вал д’Изер, Франција.
На него, до седмиот триумф во кариерата и трет во сезоната дојде Марко Одермат (2:12,31), кој беше прв после двете серии и притоа остана на првото место во генералниот поредок.
На втората позиција заврши актуелниот шампион на Светскиот куп и миленикот на домашната публика, Алексис Пантуро (+0,59), а третопласиран беше Мануел Фелер (+1,24).
За Австриецот, ова беше само втор подиум во кариерата во велеслалом, односно прв после 28 јануари 2018 во Гармиш-Партенкирхен.
Голем трагичар во Вал д’Изер беше Лука де Алипрандини (+1,31), кој остана без првиот подиум во Светскиот куп во својата кариера за само седум стотинки.
Сепак, поголема несреќа од Италијанецот имаше Хрватот Филип Зубчиќ, кој беше трет после првата серија, но поради грешка не го заврши второто скијање.
За Зубчиќ, денешната трка беше прва во велеслалом после трката во Зелден во 2019, на која Хрватот не успеа да стигне до целната линија.
Во продолжение, во првите десетмина завршија уште: Хенрик Кристоферсен (+1,59), Александер Шмид (+1,92), Лоик Мејар (+1,93), Матје Февр (+2,04), Жастин Муризие (+2,14) и Жан Крањец (+2,19).