Овосезонското 69. издание на Новогодишната турнеја во ски скокови започна вчера, со квалификациите во Оберстдорф, каде што славеше Филип Ашенвалд.
Сепак, денешното прво натпреварување не започна со традиционалните парови, туку со вообичаената прва серија. Причината за тоа беше враќањето на Полјаците, кои не скокаа вчера поради првичниот позитивен КОВИД-19 тест на Клеменс Муранка, по кој следуваа два негативни.
Двете денешни серии поминаа во знакот на Карл Гајгер, кој по освоениот златен медал на СП во ски летови, стана и третиот различен овосезонски победник во Светскиот куп.
На второто место се пласира Камил Штох, а Мариус Линдвик го заокружи подиумот.
Останатите два победници во досегашниот дел од сезоната, Халвор Егнер Гранеруд и Маркус Ајзенбихлер, се пласираа на четвртото и на петтото место. Имено, Ајзенбихлер го имаше најдолгиот скок од 142 метри во втората серија што му овозможи огромен напредок од цели 22 позиции.
Во првите десетмина се пласираа уште: Штефан Крафт, Андржеј Стекала, Филип Ашенвалд, Анже Ланишек и Жига Јелар.