Некогашниот, а потенцијално и иден претседател на Барселона, Жоан Лапорта, смета дека ако победи тој на изборите, има најголеми шанси да го убеди Лионел Меси да остане во Барселона. Лапорта верува дека е подобар од другите противкандидати кои ќе ги има на 24 јануари.
„Се надевам дека ќе го убедам Меси да остане со нас уште неколку години и таа негова убава приказна во Барса да продолжи. Имам чест што имам кредибилитет кај него. Кога ќе се видиме, Меси секогаш ми вели дека јас секогаш сум го правел тоа што сум го зборувал и горд сум на тоа“, вели Лапорта, кој кога стана прв човек на Барселона во 2003 година кога Меси беше тинејџер.
Во времето на Лапорта, Каталонците освоија 14 трофеи, па затоа Лапорта верува дека може да го премисли Меси околу желбата за менување на клупската средина. Барселона во 2015 за последен пат беше европски првак и токму неуспесите во Лигата на шампионите го тераат Меси да посака да оди во друг клуб.
Меси во интервјуто кое го даде во неделата рече дека не верува дека Барселона може да се врати на старите патеки бидејќи финансиската ситуација во клубот е лоша и клубот во моментов не може да си дозволи да донесе ѕвезди од типот на Нејмар.