Во тековната сезона 2020/21, традиционално на преминот од старата кон новата година, беше одржано 69. издание на Новогодишната турнеја во ски скокови.
Истата се состои од четири скокалници, ситуирани во Оберстдорф, во Гармиш-Партенкирхен, во Инсбрук и во Бишофсхофен, по хронолошки редослед.
На првата германска локација, од квалификациите беа отстранети Полјаците, поради позитивниот КОВИД-19 тест на Клеменс Муранка. Истиот ден, славеше Филип Ашенвалд.
Сепак, наредниот ден, по два негативни тестови, се вратија сите Полјаци, па квалификациите беа анулирани и во првата серија скокаа 62 натпреварувачи без стандардните парови. До победата дојде Германецот Карл Гајгер, кој се пласира пред Камил Штох и пред Мариус Линдвик.
На квалификациите во Гармиш-Партенкирхен, најдобар беше Словенецот Анже Ланишек, додека на натпреварувањето победи Давид Кубацки, со нов рекорд на скокалницата од 144 метри, а во продолжение следуваа Халвор Егнер Гранеруд, Пјотр Жила и Камил Штох. Мариус Линдвик отсуствуваше од втората и од третата скокалница поради забоболка и со тоа ги загуби шансите за солиден пласман на турнејата.
Во Инсбрук, квалификациите ги доби Гранеруд, но тој, заедно со Гајгер и со Ајзенбихлер, потфрли драстично на натпреварувањето.
Нивните грешки им го отворија патот на Полјаците. Камил Штох, со новиот триумф, го презеде водството во пласманот на турнејата пред сонародникот Кубацки, задавајќи им релативно голем заостаток на останатите конкуренти.
Истиот ден беше запаметен и по релативно провокативното интервју на Гранеруд, кој, разочаран од својот настап, соопшти дека е фрустрирачки што го гледа Штох како победува повторно. Веднаш потоа следуваа остри критики и очекуваното извинување на Норвежанецот.
Последните квалификации во Бишофсхофен поминаа повторно во знакот на Штох, кој доби нови 5000 евра, со предноста од 0,6 поени во однос на Роберт Јохансон и 0,7 поени во однос на Гранеруд.
На натпреварувањето, Штох стигна до својата 7. победа и 12. подиум на Новогодишната турнеја и со тоа ја осигури третата титула на овој турнир.
Линдвик се врати во Светскиот куп со второто место, а Карл Гајгер беше третопласиран.
Во поредокот на турнејата, позади Штох се пласираа Гајгер и Давид Кубацки.
📸 Alexander Hassenstein/Bongarts



