Англискиот третолигаш, Бартон Албион, се соочува со релативно голема резултатска криза и го зазема последното место во Лиг 1 во пресрет на 22. коло.
Минатата сезона, ,,Пиварите” ја завршија на 12. место, предводени од Најџел Клаф, синот на Брајан Клаф.
Во пресрет на тековната сезона 2020/21, Клаф поднесе оставка и на негово место застана поранешниот фудбалер Џејк Бакстон.
Сепак, Бакстон не се снајде најдобро со својот прв тренерски ангажман и официјално беше заменет на првиот ден од новата година и тоа со поранешниот фудбалер – Џими Флојд Хаселбенк.
Како играч, Хаселбенк ги помина најславните денови во Лидс, во Атлетико Мадрид и во Челзи, а во англиските лиги, ги носеше дресовите и на Мидлсброу, на Чарлтон и на Кардиф.
Од друга страна, поранешниот холандски репрезентативец по вторпат ја презема одговорноста на клупата на Бартон, откако претходно го предводеше тимот од 2014 до 2015, кога ја освои и титулата во Лиг 2. Освен ,,Жолтите”, Хаселбенк ги предводеше уште Ројал Антверп, КПР и Нортемптон Таун.
,,Бартон Албион ми е многу драг клуб и е навистина специјален за мене и за мојата фамилија. Работата е навистина поинаква во однос на првиот пат, но ќе се потрудиме, што е можно побрзо, да напреднеме на табелата и да останеме во Лиг 1.” – се огласи Хаселбенк за официјалната веб-страна на Бартон Албион.