Од дваесет и четирите екипи што се натпреваруваат во англискиот Чемпионшип, денес, две од нив, направија промени на тренерските позиции.
Имено, Герхард Штрубер, поднесе оставка од кормилото на Барнсли за да го преземе Њујорк Ред Булс во американската МЛС. Австрискиот стратег дојде во англискиот второлигаш на 20 ноември 2019, заменувајќи го Даниел Штендел, кој подоцна премина во шкотски Хартс. Штрубер успеа да изведе чуда со популарните „Тајкс“ изборувајќи посакуван опстанок во завршните секунди на минатата сезона, а во Њујорк премина поради блиските врски со компанијата „Ред Бул“. Како привремен тренер на клубот од „Оуквел“ е назначен досегашниот асистент Адам Мареј.
Освен Барнсли, се „поднови“ и Нотингем Форест, кој, иако важеше за еден од главните фаворити за влез во Премиер лигата, се наоѓа на 22. место со четири порази во првите четири кола и гол-разлика од 1-7, а исто така нема победа ни во последните единаесет натпревари во сите натпреварувања, вклучувајќи ја и минатата сезона.
До денес, предводник на „Шумарите“ беше поранешниот француски репрезентативец Сабри Ламуши, кој во пресрет на новата сезона потпиша нов договор. Сепак, Французинот доби отказ, а како негова нова средина се претпоставува катарскиот Ал-Духаил.
Како нов тренер на Форест е назначен Ирецот Крис Хјутон. Хјутон, во својата кариера, има искуство со изборување промоции во Премиер лигата, правејќи го тоа со Њукасл (2009/10) и со Брајтон (2016/17). Токму во тимот од крајниот југ на Англија, Хјутон го имаше својот последен ангажман, кој траеше од 2014 до 2019. Исто така, најголемиот тренерски успех на Ирецот е пласманот на единаесеттото место во Премиер лигата со Норвич во 2012/13.