Изминатиот викенд беше целосно резервиран за Светското првенство во ски летови, кое требаше да се одвива во март, но беше одложено поради пандемијата. Домаќин на истото беше словенечката Планица.
Во индивидуална категорија, новиот шампион во ски летови е Карл Гајгер, кој стана првиот Германец со оваа титула после Зеверин Фројнд во 2014. На второто место, со само половина поен заостаток, се најде водечкиот во генералниот пласман во Светскиот куп, Халвор Егнер Гранеруд, а победникот на првите две овосезонски натпреварувања, Маркус Ајзенбихлер, се закити со бронза.
Германците ја продолжија својата доминација и денес, но само до последниот скок. Имено, Гајгер беше последен скокач за својата земја, кој во втората серија, за половина метар, не успеа да ја прескокне предвидената далечина од 225 метри. Со ова, Норвешка ја одбрани титулата од 2018 и по петти пат се покажа како ,,најлетачка” земја. Освен второпласираната Германија, на подиумот заврши и селекцијата на Полска. Домашната селекција на Словенија заврши на четвртото место, а во продолжение следуваа Јапонија, Австрија, Русија и Финска.
На тимското натпреварување, за Норвешка настапија Даниел Андре Танде, Јохан Андре Форфанг, Роберт Јохансон и Халвор Егнер Гранеруд. За Германија скокаа Константин Шмид, Пиус Пашке, Маркус Ајзенбихлер и Карл Гајгер, додека Пјотр Жила, Андржеј Стекала, Камил Штох и Давид Кубацки го сочинуваа составот на Полска.



