За Членот на Надзорниот одбор на Скијачката федерација на Македонија кој го води и клубот ХМКД, Александар Кацарски и неколку други спортисти поединци, има индиции дека поднеле фалсификувани лекарски уверенија за извршен медицински преглед што е груба повреда на член 51 и 52 од Законот за спорт.
За ваквата состојба стигна известување од специјалистичката здравствена ординација по спортска медицина, испратена до Агенцијата за млади и спорт, СФМ и Извршниот одбор на СФМ.
За да се заштити кредибилитетот на СФМ и на скијачките спортови, неколку членови на Извршниот одбор побараа поведување на дисциплинска постапка и преземање на санкции и негово исклучување и на клубот ХМКД од СФМ.
Што е уште посимптоматично во целата оваа ситуација ваквите незаконски дејствија се толерираат од страна на привременото раководство на СФМ предводено од претседателот – потписник Васил Сокле.
Клубовите кои со години се дел од СФМ и даваат сериозен придонес кон нејзиниот развој и развојот на скијачките спортови во земјата, ќе продолжат да се залагаат за работење согласно Статутот на СФМ и согласно законите во земјата, бидејќи само така може да се оствари главната цел: Развој на спортот и создавање услови за младите спортисти.
За таа цел, клубовите кои се дел од иницијатива за расчистување на низа нетранспарентни активности во СФМ, настојуваат да се избере легитимно раководство на СФМ и да се расчистат сите сомнителни активности за да може оваа спортска федерација да работи согласно законите и целите за кои постои.
Целта на СФМ треба да биде обезбедување на солидни услови за развој на скијачките спортови и поддржување на младите во нивните напори за остварување врвни резултати. СФМ не треба и не смее да се користи за обезбедување на лични аспирации.



