Екипата што зачекори историски во новата Чемпионшип сезона, со седум победи и едно реми во првите осум средби, го отвори деветтото коло со првиот пораз.
Станува збор за Рединг, предводен од српскиот стратег Вељко Пауновиќ, кој вечерва загуби од минатосезонскиот третолигаш, Ковентри, со 3-2.
Имено, ,,Небесно сините” поведоа со 1-0 во 23. минута со првенецот на Густаво Хамер во својата нова средина.
Рединг израмни дури во 66. минута преку Лукас Жоао, а во продолжение следуваа два нови погодоци на Ковентри за капитално водство од 3-1.
Овој пат, мрежата на Рафаел ја затресоа Метју Годен (76′) и Сем МекКалум (85′), кој исто така го заби својот прв гол во синиот дрес и тоа после само три минути откако влезе во игра.
Конечниот резултат го постави Џорџе Пушкаш во третата минута од судиското продолжение.
И покрај поразот, Рединг останува на првата позиција на табелата, додека новите три поени му го донесоа на Ковентри осумнаесеттото место барем на еден ден.