Првиот Грен слем во новата тениска сезона, Австралија Опен, ќе се одржи во февруари, денес објави елитниот француски медиум „Л’Екип“. Турнирот во Мелбурн првично требаше да започне на 17 јануари, а потоа беше преместен за 1 февруари, но како што пишува францускиот медиум првиот голем настан во 2021 година ќе стартува на осми февруари.
Имаше индиции дека следниот Австралија Опен може да биде откажан, но тоа нема да се случи, односно нема да се одигра само јуниорскиот опен во Мелбурн.
Австралиските власти наводно ги доставиле ковид-правилата по кои треба да се придржуваат тенисерите и тенисерките. Учесниците на АО треба да пристигнат помеѓу 15 и 17 јануари и до први февруари ќе бидат во еден вид на карантин. Односно, ќе смеат да поминат само пет часа надвор од своите хотелски соби, а тоа се однесува на тренинг и вежбална.
Секој позитивен тест ќе значи 14 дена изолација во хотелот, а тестовите ќе бидат направени во првиот, третиот, десеттиот и четиринаесеттиот ден од пристигнувањето во Мелбурн.



