
Четвртото коло од новата сезона на италијанската Серија А го затворија Удинезе и Наполи.
Во нивниот трет меѓусебен дуел во 2021 година, Наполи во потполност ги надигра ,,Црно-белите” и славеше со убедливи 0-4.
И во двете полувремиња, гостите од Кампанија по двапати ја затресоа мрежата на Марко Силвестри.
Во првиот дел, во листата на стрелците се запишаа Виктор Осимен (24′) и Амир Рахмани (35′), а во вториот погодија Калиду Кулибали (52′) и Хирвинг Лозано (84′).
Кулибали, иако е дефанзивец, запиша и една асистенција, а воедно беше и единствениот од четирите голгетери, кој не го постигна својот прв гол во сезоната.
Македонскиот интернационалец, Елиф Елмас, беше стартер на овој меч и ги одигра сите деведесет минути.
После четири средби, Наполи е на врвот на табелата како единствена екипа со стопроцентен учинок, додека првиот пораз го спушти Удинезе на осмото место.