Крикет тимот на Дербишир имаше солидна тест сезона, но значително потфрли во Т20 форматот, каде што имаше само една победа. За таа цел, претставниците на Источен Мидлендс, пред два дена, во своите редови го доведоа 26-годишниот Били Стенлејк.
Станува збор за највисокиот австралиски репрезентативец во историјата со 204 цм висина и вториот највисок играч во австралиското првенство после Фил Ејли (208 цм).
Австралиецот игра како деснорак фрлач, односно ја пополнува популарната позиција „фест боулер“, а освен за Т20, е специјализиран и за другите формати на играта.
За својата држава, Стенлејк досега има одиграно 26 натпревари, во кои, најдобриот учинок му изнесува 4-8 од Т20 мечот против Пакистан во 2018.
Што се однесува до неговата клупска кариера, овој фрлач е исто така актуелен член на Квинсленд, а досега има настапувано за Аделајд Страјкерс и за Мелбурн Старс во Биг Беш Лиг, односно за Ројал Челенџерс Бангалор и за Санрајсерс Хидерабад во ИПЛ.
„Едвај чекам да почнам да играм за Дербишир и да им покажам на навивачите што можам. За мене, ова е многу возбудлив период. Настојувам да ја подобрам мојата игра со црвена топка [тест крикет] и овој потег ми ја дава можноста да се надевам дека ќе му помогнам на клубот да ја изгради формата во текот на натпреварувањата. Клубот има амбиции и желба за освојување трофеи и се надевам дека ќе бидам дел од тој успех.“ – се огласи Стенлејк за официјалниот веб-сајт на Дербишир.
Од друга страна, за истиот портал, челникот на клубот, Дејв Хотон, изјави:
„Били [Стенлејк] е играч што го следевме повеќе време. Нема многу играчи со таков квалитет во сите формати, така да сме навистина задоволни што го имаме. Тој е висок и фрла со голема брзина и со добар отскок и варијација на топката.“
📸 IAN KINGTON/AFP via Getty Images



