
Тековната сезона од тркачкиот циклус на Формула 1 ќе ја доживее својата кулминација токму во самата завршница, односно на една од последните две трки.
После 20/22 извозени натпреварувања, на првата позиција во генералниот пласман се наоѓа Макс Ферстапен (351,5), кој има осум бодови предност во однос на актуелниот шампион – Луис Хамилтон (343,5).
Холанѓанецот Ферстапен, кој ги брани боите на ,,Ред Бул”, има шанси да ја загарантира првата титула во својата кариера уште во Џедах, Саудиска Арабија, на претпоследниот настан од сезоната.
Имено, 24-годишниот пилот ќе биде крунисан пред трката во Абу Даби, доколку се случат следните сценарија:
- Ферстапен да заврши прв со дополнителен бод за најбрз круг, а Хамилтон да биде шестопласиран
- Ферстапен да победи, а Хамилтон да биде подолу од седмото место
- Ферстапен да биде втор со најбрз круг, а Хамилтон да освои максимум еден поен
- Ферстапен да биде втор, а Хамилтон да не освои поени



