
После трите сребрени медали на ЗОИ 2022, Михо Такаги дојде до првото поединечно олимписко злато во својата кариера.
Јапонката триумфираше денес на трката на 1000 метри во брзо лизгање, поставувајќи нов олимписки рекорд од 1:13,19 минути.
На второто место се пласираше Холанѓанката Јута Леердам (1:13,83), која дебитираше на пиедесталот на Зимските олимписки игри.
Како третопласирана заврши Американката Британи Боув (1:14,61), одлизгувајќи го третото време во последниот пар и ,,крадејќи” и’ ја бронзата на Ангелина Голикова (1:14,71) за една десетинка.
Во првите пет заврши уште Антоанет де Јонг (1:14,92), која воедно беше и последна што лизгаше под 75 секунди.




