
Третиот натпреварувачки викенд од Светскиот куп во алпско скијање во машка конкуренција се одвива на олимписката патека во Лејк Луис, Канада.
Вчерашниот спуст беше одложен поради обилните снежни врнежи, но организаторите направија сè што беше во нивна моќ за да ја одржат денешната трка во истата дисциплина.
На патеката со пад од 53% најбрз беше Австриецот Матијас Мајер (1:47,74), кој ја запиша својата единаесетта победа, односно седма во спуст.
Веднаш зад него, со стартен број еден, заврши сонародникот Винсент Крихмајер (+0,23), кој е актуелен првак во супервелеслалом.
Двајцата Австријци, среде Канада, успеаја да го натскијаат стопанот на малиот кристален глобус во спуст, Беат Фојц (+0,35), кој го комплетираше подиумот.
Во продолжение, Марко Одермат (+0,40) и Макс Франц (+0,56) изборија пласман во топ 5, а во првите десетмина се најдоа уште: Ромед Бауман (+0,77), Матје Баје (+0,79), Доминик Парис (+0,96), Александар Омодт Килде (+1,01) и Рајан Кохран-Сигл (+1,04).