
Првопласираната во генералниот пласман на Светскиот куп во ски скокови во женска конкуренција, Марита Крамер, славеше на денешното натпреварување во Рамзау, Австрија.
Домашната скокачка ја запиша четвртата победа во низа и беше единствена од цел караван со прескокнати деведесет метри и во двете серии (92, 90).
На второто место заврши Германката Катарина Алтхаус, која го освои петтиот подиум во сезоната.
Пиедесталот го комплетираше Словенката Урша Богатај, со својот четврт овосезонски пласман на една од првите три позиции.
Во продолжение, во првите пет завршија уште Сара Таканаши и актуелната шампионка – Ема Клинец.
Кај дамите, сезоната продолжува на 31 декември, кога ќе се одвива првото од двете натпреварувања на Силвестер Турнаментот во Љубно, Словенија.