По втор пат во рок од три дена, Никола Малешевиќ потврди дека е еден до најкорисните играчи во нашата Прва лига. Крилото на Пелистер уште еднаш имаше најдобра индивидуална изведба, ако се земе во предвид бројот на индексни поени, како мерило за тоа.
На средбата против Еуро Никел 2005, која „Зелено-белите“ ја загубија (по три продолженија) со резултат 116:122, Малешевиќ дојде до ефект од 30.поени, 10 асистенции и му недостасуваа само два скока за трипл-дабл учинок. За 54:19 минути додаде и 3 освоени, но и 7 загубени топки.
Зад неговиот, е ефектот на Диксон Дикембе. Играчот на Вардар имаше феноменално прво полувреме во кое ги постигна сите 26.поени, кои ги дополни со 9 скока, 2 додавања, една освоена и 3 загубени топки за 38:38 минути во игра.
Уште едно одлично издание на Дарко Соколов. Еден од хероите на Еуро Никел 2005 во дуелот со Пелистер. Екс репрезентативецот дојде до индекс-32 откако на маратонот во Битола, имаше 19.поени, 9 скока, 6 асистенции, 3 освоени и 2 загубени топки за 44:54 минути на теренот.
Четврттиот најдобар ефект во овој 18.круг од натпреварите во елитната конкуренција (не е вклучен одложениот меч помеѓу екипите на Црн Дрим Грин Мобиле и Куманово 2009), е оној на Никола Станојевиќ.
Крилниот центар на Кожув има индекс-30 на средбата со Академија ФМП, која неговиот тим го загуби. За 34:42 минути дојде до дабл-дабл од 26.поени и 12.скока, но го расипа крајниот впечаток со шестте загубени топки.
Идеалните пет се закружуваат со изданието на уште еден играч на Пелистер, Игор Кесар, кој собра 29.индексни поени на средбата со Еуро Никел 2005. Стартерот на битолчани имаше учинок од 33.поени, плус и 7 скока, една асистенција и 3 загубени топки за 55.минути на теренот.
ИДЕАЛНА ПЕТОРКА НА 1.КОЛО
(според индекс поени)
Никола Малешевиќ (Пелистер) индекс-36
Диксон Дикембе (Вардар) индекс-35
Дарко Соколов (Еуро Никел 2005) индекс-32
Никола Станојевиќ (Кожув) индекс-30
Игор Кесар (Пелистер) индекс-29
ВТОРА ПЕТОРКА
(според индекс поени)
Хасани Гравет (МЗТ Скопје А) индекс-27
Роберт Рикиќ (Еуро Никел 2005) индекс-26
Амир Смит (ТФТ) индекс-24
Џордан Калахан (Пелистер) индекс-23
Данило Мијатовиќ (Еуро Никел 2005) индекс-22.



