
Во 28. коло од италијанската Серија Б, Монца славеше на гостувањето кај Читадела со резултат од 1-2.
Гостите поведоа уште на стартот, кога Матија Валоти (13′) стрелаше по асистенција на Лука Мацители.
Сепак, екипите заминаа на пауза со реми, откако Енрико Балдини (38′) беше прецизен од белата точка во корист на домаќините.
Во интервал од четири минути на почетокот на второто полувреме, Монца остана со два играчи помалку, поради вторите жолти картони на Карлос Аугусто (54′) и на Џулио Донати (58′).
До крајот, Читадела ја презеде иницијативата и напаѓаше непрестано, но трите бода заминаа на стадионот ,,Британео” со победоносниот гол на Патрик Чурија во третата минута од судиското продолжение.
Со оглед на фактот дека Монца е во сопственост на Силвио Берлускони, Италијанецот стана првиот сопственик на фудбалски клуб со триумф во Серија А и во Серија Б со два исклучени играчи.
Претходно, додека Берлускони го раководеше Милан, ,,Росонерите” ја добија Болоња со 0-1 на 8 февруари 2017.
На табелата, Монца скокна на петтата позиција, додека Читадела остана на осмото место.




