
Женската фудбалска репрезентација на Замбија го имаше најчудното, но за многумина и најинтересното деби на Летните Олимписки игри.
Имено, африканските претставнички денес го одиграа својот прв меч на ЛОИ 2020 и во него загубија од Холандија со 3-10.
Оваа пресметка сруши рекорди за најмногу постигнати голови од една селекција на ЛОИ (10) и за најефикасен олимписки натпревар во историјата на женскиот фудбал (13 голови).
Во антологијата на Замбија се запиша Барбра Банда (19′, 82′, 83′), која освен што го постигна првиот олимписки гол за својата селекција, запиша и потполно аутсајдерски хет-трик.
Токму тројната голгетерка ја спречи Холандија да ја запише најубедливата олимписка победа, која сè уште е во сопственост на Германија (8-0 против Кина во 2004).
Од друга страна, за Холандија, четири пати стрелаше Вивијане Миедема (9′, 15′, 29′, 59′), а останатите голгетерки беа Лике Мартенс (14′, 38′), Жил Роорд (64′), Шанис ван де Санден (45′), Линет Бееренстајн (75′) и Викторија Пелова (80′).
Во групата Ф, Холандија го држи првото место пред Бразил, кој претходно ја совлада Кина со 5-0.