Четвртото премиерлигашко коло од тековната сезона донесе неколку изненадувања. Освен поразот на Лестер од Вест Хем со 0-3 и поразот на Манчестер Јунајтед од Тотенхем со 1-6, сведоци бевме и на еден од најголемите дебакли на Ливерпул во историјата.
Имено, Астон Вила ги доби момците од „Енфилд“ со неверојатни и убедливи 7-2. Овој резултат испиша неколку историски страници:
– Ливерпул стана еден од ретките актуелни шампиони што примил седум голови на еден натпревар. Последен пат, тоа му се случило на Арсенал во 1953, кога загубил со 7-1 од Сандерленд
– Ливерпул примил седум голови за првпат после 1973, кога ривал му бил Тотенхем
– Астон Вила, за првпат во својата историја му заби седум голови на тимот од градот на Битлси
За домаќините, ова е првпат да ја стартуваат сезоната со три победи уште од 1962. Стрелци за Вила беа Оли Воткинс (4′, 22′ и 39′), Џон МекГин (35′), Рос Баркли (55′) и Џек Грилиш (66′ и 75′). Иако сите голови се евидентирани како погодоци од страна на фудбалерите на Астон Вила, вреди да се напомене дека при три од нив, голема заслуга имаа и дефанзивците на Ливерпул, кои го изместија правецот на топката.
Оли Воткинс е новото засилување на Астон Вила, коешто пристигна од редовите на Брентфорд. Младиот Англичанец го заби својот прв гол, а воедно и прв хет-трик во Премиер лигата. Последен играч што му забил хет-трик на Ливерпул беше Димитар Бербатов во 2010.
Двата гола на „Црвените“ беа дело на Мохамед Салах (33′ и 60′).
Со оваа победа, Астон Вила се искачи на второто место со натпревар помалку во однос на Евертон. Овие две екипи се единствените со досегашен сто процентен учинок во новата сезона. Од друга страна, Ливерпул е петти со ист број на поени како и денешниот ривал.



