Сениорска машка репрезентација на Македонија пред заминувањето на Светското првенство во Полска и Шведска одржа прес конференција на која беа присутни селекторот Кирил Лазаров, голманот Никола Митревски и левиот бек Филип Талевски.
Пред нас е Светското првенство, имавме четири контролни натпревари со квалитетни ривали на кои имавме можност да ја темпираме формата. Вложивме многу труд, ентузијазам и борба за да дојде до овој Мундијал, бидејќи во меѓувреме направивме смена на генерација. Потребна им е поддшка на овие момци, успеавме да минеме два баражи против Романија и Чешка, дадовме шанса за оваа генерација да продолжи по стапките на нас повозрасните. Тие заслужуваат пофалба за остварените резултати, но и воедно треба да им се даде охрабрување за предизвиците што се пред нив во Полска. Во првото коло играме со нив, верувам дека за брзо време, Македонија ќе стане Норвешка. Тоа е селекција која се бори за медали. Ние имаме свој идентитет во играта, што е тешко бидејќи низ годините игравме бавен ракомет и тоа беше наш заштитен знак. Не знам дали тоа ќе биде доволно за да се победува или да се губи, но верувам дека сме на вистинскиот пат. – изјави селекторот Кире Лазаров.