Кирил Лазаров првпат во улога само на селектор вчера ги собра репрезентативците пред двата квалификациски дуели за Европското првенство против Луксембург и Турција.
Ова е нова репрезентација на Македонија, сосема поразлична од претходната и на онаа на која навикнав. Веќе ги нема Миркуловски, Стоилов и Лазаров. Подмладени сме, но има и неколку поискусни играчи како што се Пешевски и Митревски. Ќе градиме еден нов систем, практично треба да го доградиме системот тој веќе го започнавме. Најголем дел од ракометарите се играчи кои можат добро да одговорат во двата правци. Ќе пробаме да го диктираме тоа, да играме еден нов модерен ракомет. Следат противници кои не треба да ги потцениме, иако на хартија сме поквалитетни од нив. Треба да го оправдаме тоа, на мечот против Турција македонската публика ќе може да ја види смената на генерации и комплетно новата Македонија. – изјави селекторот Кирил Лазаров вчера на првиот собир.