Првата швајцарска станица од Светскиот куп во алпско скијање во женска конкуренција е Кран-Монтана, каде што се одвиваа двете брзински дисциплини.
На двата спустови, Софија Гоџа ја уништи конкуренцијата и се израмни со легендарната Линдзи Вон, како единствена скијачка со четири врзани победи во најбрзата дисциплина.
На денешната програма беше третиот овосезонски супервелеслалом, на кој, до 28. победа во кариерата, дојде Лара Гут-Бехрами со време од 1:15,63.
Единствената конкурентка со заостаток под една секунда беше второпласираната Тамара Типлер (+0,93), а на третата позиција заврши актуелната шампионка Федерика Брињоне (+1,02).
За само четири стотинки, Франческа Марсаља го испушти вториот подиум во кариерата, а петта беше одличната Австријка Кристина Шајер (+1,12).
Земјите од средна Европа ги окупираа првите девет позиции, на кои се најдоа уште Пришка Нуфер (+1,13), Рикарда Хаасер (+1,39), Марта Басино (+1,41) и Корин Сутер (+1,52).
Доминацијата на алпските селекции ќе беше уште поголема, доколку Софија Гоџа не ја промашеше претпоследната капија при време доволно за подиум.
📸 Michel Cottin/Zoom