Во пресрет на Светското првенство во алпско скијање, последната станица од Светскиот куп во женска конкуренција е германскиот Гармиш-Партенкирхен, каде што се закажани четвртиот и петтиот овосезонски супервелеслалом.
Имено, на денешната програма, првично беше закажан спустот, но поради неповолните услови, патеката беше преуредена за супервелеслалом.
Сето тоа најдобро го искористи Лара Гут-Бехрами (1:15,70), која триумфираше по третпат сезонава во истата дисциплина.
На подиумот, а воедно и единствени со заостаток под една секунда, беа Кајса Викоф Ли (+0,68) и Мари-Мишел Гањон (+0,93). За Гањон, ова беше прв подиум во супервелеслалом, а воедно и прв после пауза од речиси пет години (28 февруари 2016 во Солдеу, Андора).
Во продолжение, пласман во топ 10 изборија: Софија Гоџа (+1,00), Кристине Шајер (+1,16), Естер Ледецка (+1,19), Корин Сутер (+1,21), Тамара Типлер (+1,22), Пришка Нуфер (+1,22), Петра Влхова (+1,27) и Тифани Готие (+1,27).
📸 Getty Images



