
Поради недостаток на снег во текот на изминатите два викенди, натпреварувањата во Клингентал (Германија) и во Шо-Нув (Франција) од Светскиот куп во нордиска комбинација беа откажани.
Сепак, временските услови во германскиот ски-центар приредија зимска идила, па Клингентал го зазеде своето место на календарот за 21 и за 22 јануари.
Вчера, времето повторно не им одеше во прилог на организаторите, па првото натпреварување беше поделено во два дена – масовен старт на десет километри во саботата и скокачки дел во неделата.
Во оваа видоизменетост, најдобро се снајде актуелниот вицешампион, Австриецот Јоханес Лампартер (146,2), кој дојде до вториот овосезонски триумф.
Неговиот сонародник, Франц-Јозеф Рерл (-4,4), го освои второто место, а лидерот во генералниот поредок, Јарл Магнус Риибер (-6,9), беше третопласиран.
Пласманот во топ 5 го комплетираа Естонецот Кристјан Илвес (-10,2) и Финецот Ееро Хирвонен (-14,4), додека лидерот од вчерашната прва серија, Винценц Гајгер (-24,6), потфрли и мораше да се задоволи со осмото место.
Воедно, на овој начин започна и првото издание на ,,Германскиот трофеј” – мини-турнеја во организација на ,,Триваго”, која ќе продолжи на 4 и на 5 февруари во Оберстдорф, а ќе заврши на 11 и на 12 февруари во Шонах.