Со моќна и емотивна изведба на песната „Како пиреј“, Ламбе Алабаковски го најави почетокот на второто продолжение на проектот „Македонијо во срце те носиме“. Новиот аранжман на култната македонска песна, која во 1994 година ја отпеа Гоце Николовски на фестивалот во Валандово, е дело на маестро Николче Мицевски.
Песната, која носи силна порака за единство и непокорност, доби современо музичко руво, но ја задржа својата автентичност и емоција која со години ја инспирира публиката. Со оваа нова верзија, официјално започнува новата фаза од проектот кој има за цел да ги слави македонската традиција, идентитет и љубов кон татковината.




