На половина од тековната МотоГП сезона, односно на десеттата трка во 2022, одржана на Захсенринг (Германија), триумфираше Фабио Квартараро.
Французинот славеше по вторпат во низа, водејќи од стартот до целта и притоа го зголеми своето водство во генералниот пласман во походот кон одбрана на титулата.
Воедно, за ,,Јамаха”, ова беше прва победа на Захсенринг после тринаесет години, кога најбрз беше Валентино Роси.
Единствениот возач, кој изгледаше конкурентно за денешна победа, Франческо Бањаја, излета од патеката во четвртиот круг, додека беше втор и практично се исфрли сам себе од борбата за насловот.
На крајот, на втората позиција заврши уште еден Французин, Жоан Зарко, додека третопласиран беше возачот на ,,Дукати” – Џек Милер.
Поради грешката на три круга пред крајот, Алеиш Еспаргаро мораше да се задоволи со четвртото место, пред петтопласираниот Лука Марини.
Пласман во првите десетмина изборија уште: Хорхе Мартин, Бред Биндер, Фабио Ди Џанантонио, Мигел Оливеира и Енеа Бастијанини.